Sunday, November 9, 2014

Кога би имало кој да прочита

Се почесто гледам во електронските медиуми напори на Владата да направи што е возможно поголема збрка во општеството преку бројни чекори за кои само единствено таа (веројатно) ги знае мотивите. Еве и минатиот исчекор со задолжителна регистрација и лиценцирањето на работниците, т.е. народски кажано “мајсторите” кои вршат разни поправки и доправки по нашите домови. Разбиирам дека треба да се воведе ред во општеството, или ако бидеме доволно искрени да се најдат сите начини како да се собре што е возможно доволно пари за да се храни аждерот наречен администрација и социјала. Но глупаво е тоа да го правиш преку, како што вели вицот “таман го научивме магарето да не јаде – умре!”. Колку и да има трагикомедија во претходно кажаното, сите чекори водат кон тоа. Веќе не станува збор за тоа дека ние сите сме заедно во ова бродче Македонија, и како општество треба да се развиваме следејќи ги добрите примери како однадвор така и одвнатре, ами многу повеќе се изнедрува јасната неможност да се справи со заморот кој честопати го фаќа професионалниот возач кој вози на долги релации. Да, останува уште голем дел од патот да се вози, но за да не се случи несреќа, најпаметно е да застанеш и да се одмориш. Или да најдеш друг совозач... Но да не биде само јалова и празна констатација не една очигледна состојба, би сакал да им предложам дури и како да се развие општеството, а без притоа да се следи трендот да се гради јака Влада врз плешките на килава Држава. Имено, најдобро би било, наместо да се притискаат професионалните работници, приучените мајсторчиња и останатата армија на секојдневни преживувачи, да се зајакне концептот на осигурување. Е сега што значи тоа?! Тоа значи дека секој во Македонија треба да биде образуван дека својата сопственост мора да ја осигура. (Тука јасно е дека влегува Владата со своите бројни милени кампањи за ... СЕ!). Концептот на оваа кампања е дека обичниот граѓанин мора да биде свесен дека доколку не ја осигура, се изложува себе, но и своите најблиски на потенцијален банкрот. Механизмот на делување: Следбено на погоре кажаното, во случај да речеме на пожар, осигурувањето ги покрива штетите, не само на директно погодениот сопственик, туку и на оние соседи кои се во непосредна близина и кои евентуално имаат претрпено штети поврзани со оваа непогода. Доколку сопственикот каде што се случила непогодата нема осигурување, тој штетата ја надоместува од сопствени средства. Сега, каде кругот се затвора! Тимовите од осигурителната компанија кај која осигуреникот ја има полисата при истражување на причините за несреќата, утврдат дека настанала од електрична инсталација, а истатат пред извесно време ја поставувал мајстор “Зврле”, кој пак е лиценциран по сите нишани, тогаш осигурувањето ја покрива штетата. Ако пак мајстор “Зврле” е блискиот комшија кој се разбира во струја, а нема никаква регистрација на својата дејност тогаш штетата си ја поднесува тој што го повикал. И така – државата работи континуирано на својот развиток и воведување на ред во општеството, што е возможно помалку се меша во секјдневните работи на обичниот човек(но и на бизнисот), а секојпат е во ситуација да биде добитник. Но кој да го прочита ова...