Monday, July 8, 2013

Abort


Abort - прекинување
Abortus – пометнување
Седнувам како човек кој има семејство и долго време го дразни оваа дискусија, да срочам неколку зборови и да ги споделам со вас.
Нема да се дрзнам да зборувам за некое право или криво во целиов случај. Мислам дека премногу поедноставено и срчано галамат дел од оние кои коментираат, само заради тоа што така ги добиваат своите 5 минути на внимание.
Кој сум јас, како машка единка од нашиот род,  да забранам на несудената мајка некој да и ровари по телото и да прекинува создавање на живот?! Како можам да зборувам за тоа што треба некој да прави, кога природно јас сум осакатен тие 9 месеци никогаш да не ги осознаам, и да не почувствувам  како во мене божественост се создава и занавек ја предавам бесконечноста на животот?! Осуден само да гледа од страна и збунето да се обидува да се најде тука во близина доколку нешто притреба и да даде поддршка.
„Животот не може да се нормира“ - честопати споменува еден мој пријател - „туку можат само да се постават основните рамки во легислативата“ - за да не се сопнуваме секојдневно од природните закони – би го дополнил.
Дилемата кај мене не е заради изборот на жената дали ќе донесе таква одлука, туку и за правото како причинител за таа состојба, истото да го побарам. Дали со чиста совест и право можам да побарам таа да ја прекине бременоста бидејќи јас не се чувствувам спремен на тој нов живот да се посветам, а мајката вели „не! Продолжувам“? Што се случува, кога две права се ставаат на една маса и едното вели „продолжувам“, а другото „престани“?! Зошто правилото „НЕ значи НЕ“ тука не важи и ме лишува од моето право на одлука, чие неспроведување ќе ме следи целиот живот?  Размислете. Заради истите причини кои ќе почнете да ги набројувате за да ме убедите зошто жената има право да го задржи плодот, применете ги и кога зборувате за правото да се прекине бременоста без да се зборува со таткото.
Секојпат кога ќе ги погледнам моите деца, а претходно главата ќе ми ја наполнат будалестите дискусии за права на пометнување, безброј прашања во мене извираат: „Дали, кога би можел да се вратам во времето, би се согласил женами за било кое дете да пометне?“. Дали по тој настан, душата нема да ми ја распарчат прашањата: „Како ќе звучеше гласот, како ќе ме галеше со очите, како ќе ме нервираше со палавостите...? Кои ќе беа моите несудени потомци од таа затворена животна линија?“ И кога се обидувам да избегам со мислите од таквото сценарио, и трипати во пазуви се поплукувам за да не чуе нечесниот, сваќам дека зборувам оптеретен со единствената реална вредност која било кој од нас благословен во животот ја создал – животот. Станувам свесен дека тука сум само кратко да посведочам дека постои живот на земјата и понатаму повторно да запловам во бескрајната непознаница. Тука сум да се сетам и бескрајно да им заблагодарам на сите оние кои биле пред мене, скришно да им намигнам и да им порачам дека нашата семејна животна линија денес за нив, а утре ќе сведочи за животот и ќе има кој на нас да се сети.
И на крајот, големите дела од минатото не ги воспеваат оние големци кои ги направиле, ами поколенијата на ониe кои животот го пренеле. Се додека не прекинеме ... 
 

Reprint: Сите тие мириси (март 11, 2011)

Денот ми почнува со „Нова Македонија“. Така е бидејќи решив да се претплатам на овој дневен весник затоа што се водам од мислата дека оној кој ме харани со мисли треба да го поддржам во неговата мисија на опстојување и живеење.
Но денес (09.03.2011) го прочитав универзитетскиот професор и писател Андоновски и некако уште од посабајле ми се насобраа темни облаци во ова сончево, но ладно мартовско утро. Пишува за „усмрдениот брат“ кој е спротивност на „чистиот брат“ во кој професорот се препознава. Оваа аналогија ја влече како полжав својата куќарка, за на крај да поентира уште еднаш со потпикувачко несоодветно мифкање до неценетата А1 телевизија, која очигледно во неговиот свет претсавува бастион на демократскиот изблик во македонското тоталитарно општество. „Тројка“ дава со повторување на својата, од петици извадена теза дека А1 треба да се финансира од буџетот на „почистите“.
За одговоров да не изгуби од смисла, да резимирам; мило ми е штом се препознава професорот во „чисти“-те, а и умее да ги препозае и „усмрдените“, кои според текстот биле замиени и дотерани  како Дедо Мраз(?!). Уште повеќе што професорскиот капацитет му овозможува да смисли социјален пакет за А1 кој „почистите“ треба да го финасираат заради тоа што новинарите од А1 го засмрдеа информативниот етер со тековни блуења и телесни празнења по се што има ималку македонски предзнак. Јас овој проблем многу едноставно го решив – А1 фреквенцијата не ја посетувам уште од умственото силување на секој добронамерник кој напнато го следеше „нападот“ на тврдината за производство на смоки и Тузот на Перо Наков, пропратен со „старвичната“ слика на новинарка која  го трие својот задник од телото на здрвен полицаец и вика гласно „аааааа“ вртејќи со главата лево десно . Но бидејќи колумнистот е содружник на една група која верува во своја наменска артикулација за „чисти“ прозори, кои претходно со шлајм ги замачкува за полесно да клиза слово отпечатено на хартијата, предлагам да направи следно: дајте траен налог во банката каде што ја имате својата трансакциска сметка за месечно да ви одбиваат по 20% од вашата заработувачка и помогнете ги „чистите“ од А1. Исто како што јас го помагам вашиот весник.
И да, можно е и вистинито дека се вработуваат килави партиски војничиња и да се местат тендери за дебели профити, но тоа некако не ми беше споиво со претходниот напишаниот текст. Тоа е дел на судска постапка и политички иден реваншизам.
Напишаното повеќе ми личи на опседнатост со стерилност, што е малигна клетка на мислител.

Reprint: Евангелие според Андов (септември 6, 2010)



Во саботниот број на Нова Македонија (4-5 септември) прочитав една кратка изјава на Стојан Андов, која би сакал да ја цитирам во целост. Имено:
“Св. Апостл Павле се знае дека не била македонец и не го знаел македонскиот јазик. Со луѓето во Македонија тој разговарал на грчки јазик. Св. Павле бил Евреин.“
Би сакал да му предочам на, грчкиот промотор во Македонија, Стојан Андов, дека во времето кога Св. Павле доаѓа во Македонија, таа стенка под мечот на Рим. Ова е заради тоа што во 197 година П.Х. Рим ја поробува Македонија и наметнува силна Римска управа која дури ја дели Македонија на четири марионетски државички.
Значи 197 години пред да се роди Исус Христос.
Св. Павле доаѓа во Македонија во 56-57 г по Христа.
Сега ако ги собереме годините колку македонците имале да научат заеднички јазик со јудејците, би добиле некои 254 годинки.
Сега наградното прашање кое промоторот Андов би требало да го одговори:
П: Македонија и Јудеја (како и поголемиот дел од тогаш познатиот свет) бил поробен од страна на Римјаните. Римјаните не зборувале грчки. Кој бил официјалниот јазик на Римската империја?
О: ?
П.С. Размисли за каков јарем зборува македонецот кој го повикува Св. Павле во Македонија.
Од Библијата

Reprint: Голем ден (април 1, 2010)


Пролетта веќе наголемо доаѓа и ја потиснува зимата, која со носталгија ќе ја бараме и мудро ќе констатираме дека „…ма ја издржувам студено – ама ова топлово никако“ кога ќе запече македонсково лето. Но убаво е, нели! Се е светло и почнува да наликува на утринско кафе со цигара која некако легнува на прва. Додека го правиш првиот „срк“ од млаката течност, а ја подбутнуваш со лесно земен здив исполнет со никотински чад, слушаш како на секаде се расправаат птици од најразлична генетичка провиниенција, скриени во крошните од веќе раззеленетите дрва. Еве пред некој ден видов дека и гулабите се расправаат како нас луѓето за место на окапницата на еден прозор. И не само тоа, ами паѓа и понекое колвање во глава и што е уште почудно, си делат заушки со крилјата. И тоа го видов.
Убаво е и чувството да си овде дома, во нашава родна грутка околу Велигден. Не заради теолошката позадина, ами заради она чувство кое само овде го препознавам и со целото битие се впуштам да го празнувам – живи сме! Ова е мојот спротивен магнетен пол кој зрачи и ме влече најсилно кон оваа точка на пикселот наречен земја. Уште повеќе зумиран во мојот дом, кој баш во овој момент исфрла од петта брзина, и во лер движење почнува да се интересира за она што е околу него додека полека забавува. Се вапсаат јајца уште од рани зори, бизнис жените стануваат мајчици и оние жени заради кои сите останати се неважни, прават зајачиња од тесто и големи планови како треба да изгледа Велигденската софра. Татињата освен традиционалната улога на „ево носача“ во ова доба од годината кога се пренесува целата содржина на зелениот пазар и придружните месари во скромниот ни дом, ќе почнат и најсамозаљубено да пребаруваат низ главата полна со секојдневни глупости, и очајно да ги бараат пријателите со кои можеш да споделиш лута ракика и еден товар „мимоза“ салата. А сето ова е надополнето со огромното олеснување наречено „деновите кога не треба да го појавиш суратот на работа“.
И се ќе биде во ред… ако успеам да не го вклучам телевизорот!

Reprint: Знаев дека некој ми фали…(февруари 24, 2010)


Во сенка на сите случувања на кои им кумува Нимиц во Македонија, се случува да и најдемократско право – дискусија по одредена тема – да не може да помине без гостите од чужбина, т.е. милите ни и драги амбасадори. Еве пред некој ден се зборуваше за некој Закон против дикриминација, а онде во прв ред натопорени амбасадори и нивни пулени.
Прво, пред да зборувам за Глаучите, морам да го појаснам мојот став околу оваа тема. Имено зошто ни е потребен ваков Закон кој е базиран на – ништо! Јас не видов ниту една анализа која ќе укаже дека постои дискриминација во Македонија. Анализа која нема да ја направи Кочо, ВМРО, СДСМ или било која самопрогласена душегрижничка организација/поединец, ами ќе го направи независно тело кое ќе може дури и да ни нацрта дека дискриминацијата е присатна/или не, и ова се критичните делови врз кои треба да се направи акционен план и тоа да биде оче наш за нашата владеачка структура.
Сега за нашата сервилност… не рабирам зошто е поважна амбасадорката од Холандија и целото внимание да е свртено кон неа кога зборуваме за проблеми/иницијативи кои треба да имаат зародиш во нашево грунтче? Кога конечно ќе се роди самопочитта и гостите посетители ќе бидат во последниот ред, а оние на кои се однесува во првиот??? Па како може некој кој е на привремена работа во Македонија и кои е тука заради чисто лични причини (кариера) да биде позасегнат за дали го дискриминираат некој заради тоа што е со две леви нозе???
И не ми се јасни новинарите кои ќе загинат да земат изјава од било кој амбасадор, а нашиот Шабан не го рецкаат ни два посто. А па види апсурд… веста не ја произведуваат за амбасадорот, ами за Шабанот. Сепак нема 2 милиона амбасадори како купувачи ами 2 милиони Шабани.

Reprint: Odu li nam škverovi, doći će vam Grčka (февруари 19, 2010)


Натпис кај Диоклицијанова палата во Спилт
Натпис кај Диоклицијанова палата во Спилт
Минатото лето во Сплит го видов овој натпис. Не знам што им значи на Хрвативе… знае некој?

Reprint:Магичната 2014 (февруари 18, 2010)


февруари 18, 2010

Магичната 2014

Filed under: Некатегоризирано — avtorot @ 16:50 
Седам така забезекнат од мноштвото предвидувања за 2014.
Едни утопични – оние де на Маите -  на кој им застанал часовникот до оваа година, а овие од Холивуд уште веднаш да направат „бади кантер“ филм у кој речиси исте гинат заради порамнување на планетите. Е сега, кој ќе му објаснува на обичниот човек дека тоа порамнување на планетите се случува редовно и дека трае релативно кратко време, а не со филмска тензија да се држи пола саат и да се случат сите катастофи. Но тоа се продава нели? Епа и нашиве Холивудџии направија сличен напор за да ни ја претстават 2014, ама со позитивна конотација и ни прикажаа еден нов плоштад, кој ако јас се прашувам сакам да го видам направен. Е сега друга приказна е колку тоа ќе биде функционално и колку придружна инфраструктура ќе биде потребна да ги заживее тие објекти, а да не бидат слепи црева, но за тоа во некој друг пост.
Интересно ми беше тоа што оваа иницијатива покрена живост во ова наше општество… Секој се чувствуваше повикан да го даде својот суд и да каже зошто (не)треба да заживее овој сон. Но она што највеќе ме фасцинираше е идолопоклоничката, т.е. конфесионалната борба која започнува да се јавува во име на својот Бог. Дали да биде црква, дали да биде џамија? Камен и цемент кој ќе биде посветен на својот Бог, кој пак благонаклоно ќе погледа кон нас кога ќе ни го извади тефтерчето што имаме направено во нашиот животец. А спремни сме и со туѓа крв тоа да го платиме.
За атер на овој животец кој го споделуваме заедно, ајде да направиме нешто заедничко. Нека наместо црква или џамија, синагога или друга молитвена камена симболика, направиме нешто што целиот свет ќе го споменува… храм на свевишното. Храм во кој ќе можат да се починат и помолат уморниот христијанин, утеха да најде добриот муслиман, атеистот да застане и молкум да побара потвда дека не е сам… се’ во слава на животот и единствената неповторлива можност да го посведочиме со нашето постоење.
Е  после дека ќе се заколеме кој ќе стопанисува со парите од прилозите, но за тоа по 2014.