Monday, July 8, 2013

Abort


Abort - прекинување
Abortus – пометнување
Седнувам како човек кој има семејство и долго време го дразни оваа дискусија, да срочам неколку зборови и да ги споделам со вас.
Нема да се дрзнам да зборувам за некое право или криво во целиов случај. Мислам дека премногу поедноставено и срчано галамат дел од оние кои коментираат, само заради тоа што така ги добиваат своите 5 минути на внимание.
Кој сум јас, како машка единка од нашиот род,  да забранам на несудената мајка некој да и ровари по телото и да прекинува создавање на живот?! Како можам да зборувам за тоа што треба некој да прави, кога природно јас сум осакатен тие 9 месеци никогаш да не ги осознаам, и да не почувствувам  како во мене божественост се создава и занавек ја предавам бесконечноста на животот?! Осуден само да гледа од страна и збунето да се обидува да се најде тука во близина доколку нешто притреба и да даде поддршка.
„Животот не може да се нормира“ - честопати споменува еден мој пријател - „туку можат само да се постават основните рамки во легислативата“ - за да не се сопнуваме секојдневно од природните закони – би го дополнил.
Дилемата кај мене не е заради изборот на жената дали ќе донесе таква одлука, туку и за правото како причинител за таа состојба, истото да го побарам. Дали со чиста совест и право можам да побарам таа да ја прекине бременоста бидејќи јас не се чувствувам спремен на тој нов живот да се посветам, а мајката вели „не! Продолжувам“? Што се случува, кога две права се ставаат на една маса и едното вели „продолжувам“, а другото „престани“?! Зошто правилото „НЕ значи НЕ“ тука не важи и ме лишува од моето право на одлука, чие неспроведување ќе ме следи целиот живот?  Размислете. Заради истите причини кои ќе почнете да ги набројувате за да ме убедите зошто жената има право да го задржи плодот, применете ги и кога зборувате за правото да се прекине бременоста без да се зборува со таткото.
Секојпат кога ќе ги погледнам моите деца, а претходно главата ќе ми ја наполнат будалестите дискусии за права на пометнување, безброј прашања во мене извираат: „Дали, кога би можел да се вратам во времето, би се согласил женами за било кое дете да пометне?“. Дали по тој настан, душата нема да ми ја распарчат прашањата: „Како ќе звучеше гласот, како ќе ме галеше со очите, како ќе ме нервираше со палавостите...? Кои ќе беа моите несудени потомци од таа затворена животна линија?“ И кога се обидувам да избегам со мислите од таквото сценарио, и трипати во пазуви се поплукувам за да не чуе нечесниот, сваќам дека зборувам оптеретен со единствената реална вредност која било кој од нас благословен во животот ја создал – животот. Станувам свесен дека тука сум само кратко да посведочам дека постои живот на земјата и понатаму повторно да запловам во бескрајната непознаница. Тука сум да се сетам и бескрајно да им заблагодарам на сите оние кои биле пред мене, скришно да им намигнам и да им порачам дека нашата семејна животна линија денес за нив, а утре ќе сведочи за животот и ќе има кој на нас да се сети.
И на крајот, големите дела од минатото не ги воспеваат оние големци кои ги направиле, ами поколенијата на ониe кои животот го пренеле. Се додека не прекинеме ... 
 

No comments:

Post a Comment