Monday, July 8, 2013

Reprint: Голем ден (април 1, 2010)


Пролетта веќе наголемо доаѓа и ја потиснува зимата, која со носталгија ќе ја бараме и мудро ќе констатираме дека „…ма ја издржувам студено – ама ова топлово никако“ кога ќе запече македонсково лето. Но убаво е, нели! Се е светло и почнува да наликува на утринско кафе со цигара која некако легнува на прва. Додека го правиш првиот „срк“ од млаката течност, а ја подбутнуваш со лесно земен здив исполнет со никотински чад, слушаш како на секаде се расправаат птици од најразлична генетичка провиниенција, скриени во крошните од веќе раззеленетите дрва. Еве пред некој ден видов дека и гулабите се расправаат како нас луѓето за место на окапницата на еден прозор. И не само тоа, ами паѓа и понекое колвање во глава и што е уште почудно, си делат заушки со крилјата. И тоа го видов.
Убаво е и чувството да си овде дома, во нашава родна грутка околу Велигден. Не заради теолошката позадина, ами заради она чувство кое само овде го препознавам и со целото битие се впуштам да го празнувам – живи сме! Ова е мојот спротивен магнетен пол кој зрачи и ме влече најсилно кон оваа точка на пикселот наречен земја. Уште повеќе зумиран во мојот дом, кој баш во овој момент исфрла од петта брзина, и во лер движење почнува да се интересира за она што е околу него додека полека забавува. Се вапсаат јајца уште од рани зори, бизнис жените стануваат мајчици и оние жени заради кои сите останати се неважни, прават зајачиња од тесто и големи планови како треба да изгледа Велигденската софра. Татињата освен традиционалната улога на „ево носача“ во ова доба од годината кога се пренесува целата содржина на зелениот пазар и придружните месари во скромниот ни дом, ќе почнат и најсамозаљубено да пребаруваат низ главата полна со секојдневни глупости, и очајно да ги бараат пријателите со кои можеш да споделиш лута ракика и еден товар „мимоза“ салата. А сето ова е надополнето со огромното олеснување наречено „деновите кога не треба да го појавиш суратот на работа“.
И се ќе биде во ред… ако успеам да не го вклучам телевизорот!

No comments:

Post a Comment