Tuesday, September 3, 2019

Цената на еден човечки живот

Не доаѓам лесно до зборови кога треба да напишеш текст за цена на човечкиот живот. веројатно едно од најголемите табуа за кое од малечки не учат дека - нема цена. Сега оваа изјава во секојдневието ја гледам и ја сваќам во нејзините крајности. Едно е дека самиот живот е највредното нешто што постои на планетава, а другото дека едноставно е без никаква цена.
Па ако е поинаку, зарем би имале во исто време војна за народна власт (така наречена демократија). Зарем би можел некого со незамислива леснотија да го стави во воени чизми и да му даде конзола на кое со притискање на едно копче уништува животи кои никогаш и не ги воочува како живот.
Но од друга страна, луѓе паѓаат во национална жалост кога еден човек умира по природен пат, и спремни се да себе се жртвуваат само тој човек да се врати. Да така беседевме и кога почина другарот Тито, и кога прерано згасна животот на Тоше

Се гледаме во друг циркус

По некоја случајност, после не знам колку години, денес имав можност од прва рака да искусам што значи нашето јавно здравство. Доколку треба да бидеш на некое друго место и немаш време да го читаш останатиот дел од текстот, веднаш да ти соопштам дека нашето здравство со право го носи префиксот Јавно, како и повеќето такви јавни куќи во нашето непосредно опкружување.
Елем, за оние кои решиле да ги нервираат шефовите на работа, да започнам со приказната која оди вака:
Никој не оди на лекар доколку не мора, но и кога мора се обидува тоа да го направи тоа колку што е возможно побргу и пократко. Се разбира, за да се оствари оваа умисла, се започнува со националниот спорт наречен "најди го пријателот/роднината" кој работи во здравство. Речиси и да не паметам дека познавам човек во Македонијава кој би се осмелил да оди на лекар, а да не ја познава најмалку кафекуварката или домарот на болницата, се со цел да помине побрзо.
Откако го лоциравме нашиот џокер, контактиравме и се договоривме, притоа поминувајќи телеграфски низ целокупното родословие до трето колено и соломонската констатација дека сизифовски ни е тешко, со на крај рецитирање на псалмот "но остај за нас него за нашите деца...", преминавме во воскреснати старо/ново верници, дека овојпат ќе оди како подмачкано.
И така, утрото започна со наше (јас и ќерка ми) одење на закажано земање крв за испитување на одредени параметри. Гледаме на часовникот и нервозно кометираме дека во 8 треба да бидеме таму, додека се пробиваме низ скопскиот котелец на енергични полицајци и кататонични јавни претпријатија кои во склад со ритамот затегнатите нерви на ненаспаните возачи, во обратна синусоида ги поправаат скопските асфалтирано-раскопани крвотоци.
Додека се чувствуваме како тромб во запушена вена на 80 годишен идолопоклоник на свинска масна салата и чашка домашна лута ракија, Илинденска не' одведе до празниот паркинг на градската болница 8 септември, или за оние кои го паметат Тито и СРМ, тоа е Воената болница. "Ова е добар знак" во себе помислив, без притоа да прекрстам прсти и фрлам 3 лажички сол преку рамо за да не се урочам. Продолжуваме...
На време паркирани под сенка, понесени од мислата која го визуелизира злобното цепење на вената и вампирското заринкување на металниот заб од "нема ич да боли" иглата, притоа наведувана од хибридот на оберштрумбамфирер и Реј Чарлс, сестрата, чија пасија и е играта Х/0 испишана со липкер по локацијата каде мирно спие вената, се качуваме во ритамот на оковани црнци на кои нозете им се враќаат назад и низ заби пеат "што си ме мајко родила".
Ќерка ми заради ритуалот на грофот Дракула кој се крие во лабораторијата, мене заради тоа што тоа ми е чедо. После татковците биде вакви, биле онакви...
Стигнавме на првиот кат каде што се наоѓа лабораторијата.
ТА-ДА-МММ! Шалтери 1 и 2 на некои 10 метри од нас, а пред нас колона од расприкажани младичи и девојки од цирка некаде 2400 години сите топтан заедно. За оние кои сечеле вени за/од математиката, зборувам за некаде 30 луѓе од прилика и секој од нив во просек по некаде 80 години (се разбравме сега!?).

Е тука нема кој е македонец, албанец, сиромав, богат, јаден... уствари сите беа гладни, бидејќи тоа е битно да се квалификуваш и да не прикажеш некои блесави резултати кои предвреме ќе доведат до тоа да бидеш
под а) роварен, или
под б) причина твоите да те прашаат дали си ги завршил сите имотно наследни права и обврски. Онака, без причина.

Нејсе, се гледаме со мојот потомок, онака вџашени и со неверување... со подотворени усти и испружени прсти пребројуваме дали денес е:

  • Денот кога пензионерите одат грастис со јавниот превоз,
  • На шалтер број 2 се делат наградите од оние кесичките за кафе
  • Цветанка Ласкова дели автограми и бесплатна копија од своето последно ЦД издание.
  • Тука е пултот каде што на додавките на пензии од 39 ти ставаат колку нули сакаш, но најмногу до две по пензионер
  • Тука е лоциран телефонот од каде што се јавуваат сите пензонери во Утринските програми по телевизиите низ Македонија...

... и додека се редеа можните објаснувања на алтернативните универзуми во нашето ни Друштво, сваќаме дека сме заглавени во редица која всушност е привлечена од јавната ни установа со магичната мантра... Дојди утре во осум!

Хм... во време на компјутери, мобилни телефони, интернет мрежи и апликации кои на еден куп луѓе им јавуваат кај си, со кого си и што сакаш уште пред да помислиш, ние го користиме стариот добар метод на висење "Дојди на Корзо во шест!"

И така, застанати во линија направена од луѓе на кои им останува уште не многу време во оваа реалност, инженерот во мене почнува да нуди бројни алтернативи како на овие луѓе би можело да им се сочува достоинството и она малку здравје што им сотанало.
Од тоа дека:

  1. Би било супер доколку со порака им се закаже во колку точно часот треба да дојдат и да завршат работа, до тоа дека 
  2. Можеби попаметно е да се формираат тимови од млади медицински лаборанти, кои на моторчиња би оделе до нивните домови и би земале примерок за лабораторија. 
Додека тоа го размислувам, заприметувам една јадна женичка која со стомакот до уста се обидува да продре до шалтерот со тивко кажаното оправдание пред со-чекачите - трудна сум!
Намуртените фаци на децава од по 80 години ги заќутува нивната лажна моралност, но многу повеќе секјуритичот кој цело време како воспитувачка од градинка ги демне палавковците на кои им паѓаат на памет итроштини превземени од опусот за Итар Пејо на Цепенков.
Џизс... сумо борачот се пробива до шалтерот, а пред неа оди машки роднина со зелената книшка и куп хартија во средина, која многу повеќе ми наликува на симидка купена од чаршија, отколку на документација која треба да ја отслика азбуката на здравјето на оваа идна мајка. Роднинава прилично глупаво ко шаолин монах тропка со рачињата по зелената книшка и рецитира дека - "...трудна е! Ја не би за мене... Ја би чекал со вас..." се поклонува на шалтерот за заверка, од кој како железна куглица од флипер, го спунтираат да оди до лабораторијата. Јадната го прати, а мене толку ме потсетува на оние клацкалки во училишен двор кои одеа горе-долу, горе-долу, да се вртам кон ќерка ми и... во момент ја губам глупавата мисла да се зафркавам со нејзината состојба... со ќеркати зборуваш, бре муле!

Поминува некаде 40 минута од кога човечкиот воз стои на перонот на нашето здравство, полека мрднувајќи се во насока на стаклената врата број 3. Некои од рејверите не додржуваат на нозе и седнуваат на столчињата во ходникот, но со длабоко закопан и носталгичен поглед на местото на кое до пред некоја минута играше стискавац со соседите од непосредната близина. Од очи им се чита: ЌЕ ТЕ ЛЕЖАМ!!! Да не си помислил да застанеш на моето место!!!
Доаѓа нашиот ред.
Влегуваме.
Седнува ќерка ми.
И земаат крв.
"Резултатите ќе бидат готови после 14:30"
"Благодариме!"
Си одиме.

Остануваат уште куп младунци од по 80 и некоја ситно кои со замаглени очи и клецави нозе ко да биле на концерт на Џоле Балашевиќ. Потпрени на ѕидот од кабина број 3, не испраќаат, мислам со стихот:
"Се надевам дека пак ќе се видиме
во некој друг град/установа
на некоја друга престава/забава,
во некој друг циркус"

која нашата елита ни го приредува.

Sunday, November 9, 2014

Кога би имало кој да прочита

Се почесто гледам во електронските медиуми напори на Владата да направи што е возможно поголема збрка во општеството преку бројни чекори за кои само единствено таа (веројатно) ги знае мотивите. Еве и минатиот исчекор со задолжителна регистрација и лиценцирањето на работниците, т.е. народски кажано “мајсторите” кои вршат разни поправки и доправки по нашите домови. Разбиирам дека треба да се воведе ред во општеството, или ако бидеме доволно искрени да се најдат сите начини како да се собре што е возможно доволно пари за да се храни аждерот наречен администрација и социјала. Но глупаво е тоа да го правиш преку, како што вели вицот “таман го научивме магарето да не јаде – умре!”. Колку и да има трагикомедија во претходно кажаното, сите чекори водат кон тоа. Веќе не станува збор за тоа дека ние сите сме заедно во ова бродче Македонија, и како општество треба да се развиваме следејќи ги добрите примери како однадвор така и одвнатре, ами многу повеќе се изнедрува јасната неможност да се справи со заморот кој честопати го фаќа професионалниот возач кој вози на долги релации. Да, останува уште голем дел од патот да се вози, но за да не се случи несреќа, најпаметно е да застанеш и да се одмориш. Или да најдеш друг совозач... Но да не биде само јалова и празна констатација не една очигледна состојба, би сакал да им предложам дури и како да се развие општеството, а без притоа да се следи трендот да се гради јака Влада врз плешките на килава Држава. Имено, најдобро би било, наместо да се притискаат професионалните работници, приучените мајсторчиња и останатата армија на секојдневни преживувачи, да се зајакне концептот на осигурување. Е сега што значи тоа?! Тоа значи дека секој во Македонија треба да биде образуван дека својата сопственост мора да ја осигура. (Тука јасно е дека влегува Владата со своите бројни милени кампањи за ... СЕ!). Концептот на оваа кампања е дека обичниот граѓанин мора да биде свесен дека доколку не ја осигура, се изложува себе, но и своите најблиски на потенцијален банкрот. Механизмот на делување: Следбено на погоре кажаното, во случај да речеме на пожар, осигурувањето ги покрива штетите, не само на директно погодениот сопственик, туку и на оние соседи кои се во непосредна близина и кои евентуално имаат претрпено штети поврзани со оваа непогода. Доколку сопственикот каде што се случила непогодата нема осигурување, тој штетата ја надоместува од сопствени средства. Сега, каде кругот се затвора! Тимовите од осигурителната компанија кај која осигуреникот ја има полисата при истражување на причините за несреќата, утврдат дека настанала од електрична инсталација, а истатат пред извесно време ја поставувал мајстор “Зврле”, кој пак е лиценциран по сите нишани, тогаш осигурувањето ја покрива штетата. Ако пак мајстор “Зврле” е блискиот комшија кој се разбира во струја, а нема никаква регистрација на својата дејност тогаш штетата си ја поднесува тој што го повикал. И така – државата работи континуирано на својот развиток и воведување на ред во општеството, што е возможно помалку се меша во секјдневните работи на обичниот човек(но и на бизнисот), а секојпат е во ситуација да биде добитник. Но кој да го прочита ова...

Monday, July 8, 2013

Abort


Abort - прекинување
Abortus – пометнување
Седнувам како човек кој има семејство и долго време го дразни оваа дискусија, да срочам неколку зборови и да ги споделам со вас.
Нема да се дрзнам да зборувам за некое право или криво во целиов случај. Мислам дека премногу поедноставено и срчано галамат дел од оние кои коментираат, само заради тоа што така ги добиваат своите 5 минути на внимание.
Кој сум јас, како машка единка од нашиот род,  да забранам на несудената мајка некој да и ровари по телото и да прекинува создавање на живот?! Како можам да зборувам за тоа што треба некој да прави, кога природно јас сум осакатен тие 9 месеци никогаш да не ги осознаам, и да не почувствувам  како во мене божественост се создава и занавек ја предавам бесконечноста на животот?! Осуден само да гледа од страна и збунето да се обидува да се најде тука во близина доколку нешто притреба и да даде поддршка.
„Животот не може да се нормира“ - честопати споменува еден мој пријател - „туку можат само да се постават основните рамки во легислативата“ - за да не се сопнуваме секојдневно од природните закони – би го дополнил.
Дилемата кај мене не е заради изборот на жената дали ќе донесе таква одлука, туку и за правото како причинител за таа состојба, истото да го побарам. Дали со чиста совест и право можам да побарам таа да ја прекине бременоста бидејќи јас не се чувствувам спремен на тој нов живот да се посветам, а мајката вели „не! Продолжувам“? Што се случува, кога две права се ставаат на една маса и едното вели „продолжувам“, а другото „престани“?! Зошто правилото „НЕ значи НЕ“ тука не важи и ме лишува од моето право на одлука, чие неспроведување ќе ме следи целиот живот?  Размислете. Заради истите причини кои ќе почнете да ги набројувате за да ме убедите зошто жената има право да го задржи плодот, применете ги и кога зборувате за правото да се прекине бременоста без да се зборува со таткото.
Секојпат кога ќе ги погледнам моите деца, а претходно главата ќе ми ја наполнат будалестите дискусии за права на пометнување, безброј прашања во мене извираат: „Дали, кога би можел да се вратам во времето, би се согласил женами за било кое дете да пометне?“. Дали по тој настан, душата нема да ми ја распарчат прашањата: „Како ќе звучеше гласот, како ќе ме галеше со очите, како ќе ме нервираше со палавостите...? Кои ќе беа моите несудени потомци од таа затворена животна линија?“ И кога се обидувам да избегам со мислите од таквото сценарио, и трипати во пазуви се поплукувам за да не чуе нечесниот, сваќам дека зборувам оптеретен со единствената реална вредност која било кој од нас благословен во животот ја создал – животот. Станувам свесен дека тука сум само кратко да посведочам дека постои живот на земјата и понатаму повторно да запловам во бескрајната непознаница. Тука сум да се сетам и бескрајно да им заблагодарам на сите оние кои биле пред мене, скришно да им намигнам и да им порачам дека нашата семејна животна линија денес за нив, а утре ќе сведочи за животот и ќе има кој на нас да се сети.
И на крајот, големите дела од минатото не ги воспеваат оние големци кои ги направиле, ами поколенијата на ониe кои животот го пренеле. Се додека не прекинеме ... 
 

Reprint: Сите тие мириси (март 11, 2011)

Денот ми почнува со „Нова Македонија“. Така е бидејќи решив да се претплатам на овој дневен весник затоа што се водам од мислата дека оној кој ме харани со мисли треба да го поддржам во неговата мисија на опстојување и живеење.
Но денес (09.03.2011) го прочитав универзитетскиот професор и писател Андоновски и некако уште од посабајле ми се насобраа темни облаци во ова сончево, но ладно мартовско утро. Пишува за „усмрдениот брат“ кој е спротивност на „чистиот брат“ во кој професорот се препознава. Оваа аналогија ја влече како полжав својата куќарка, за на крај да поентира уште еднаш со потпикувачко несоодветно мифкање до неценетата А1 телевизија, која очигледно во неговиот свет претсавува бастион на демократскиот изблик во македонското тоталитарно општество. „Тројка“ дава со повторување на својата, од петици извадена теза дека А1 треба да се финансира од буџетот на „почистите“.
За одговоров да не изгуби од смисла, да резимирам; мило ми е штом се препознава професорот во „чисти“-те, а и умее да ги препозае и „усмрдените“, кои според текстот биле замиени и дотерани  како Дедо Мраз(?!). Уште повеќе што професорскиот капацитет му овозможува да смисли социјален пакет за А1 кој „почистите“ треба да го финасираат заради тоа што новинарите од А1 го засмрдеа информативниот етер со тековни блуења и телесни празнења по се што има ималку македонски предзнак. Јас овој проблем многу едноставно го решив – А1 фреквенцијата не ја посетувам уште од умственото силување на секој добронамерник кој напнато го следеше „нападот“ на тврдината за производство на смоки и Тузот на Перо Наков, пропратен со „старвичната“ слика на новинарка која  го трие својот задник од телото на здрвен полицаец и вика гласно „аааааа“ вртејќи со главата лево десно . Но бидејќи колумнистот е содружник на една група која верува во своја наменска артикулација за „чисти“ прозори, кои претходно со шлајм ги замачкува за полесно да клиза слово отпечатено на хартијата, предлагам да направи следно: дајте траен налог во банката каде што ја имате својата трансакциска сметка за месечно да ви одбиваат по 20% од вашата заработувачка и помогнете ги „чистите“ од А1. Исто како што јас го помагам вашиот весник.
И да, можно е и вистинито дека се вработуваат килави партиски војничиња и да се местат тендери за дебели профити, но тоа некако не ми беше споиво со претходниот напишаниот текст. Тоа е дел на судска постапка и политички иден реваншизам.
Напишаното повеќе ми личи на опседнатост со стерилност, што е малигна клетка на мислител.

Reprint: Евангелие според Андов (септември 6, 2010)



Во саботниот број на Нова Македонија (4-5 септември) прочитав една кратка изјава на Стојан Андов, која би сакал да ја цитирам во целост. Имено:
“Св. Апостл Павле се знае дека не била македонец и не го знаел македонскиот јазик. Со луѓето во Македонија тој разговарал на грчки јазик. Св. Павле бил Евреин.“
Би сакал да му предочам на, грчкиот промотор во Македонија, Стојан Андов, дека во времето кога Св. Павле доаѓа во Македонија, таа стенка под мечот на Рим. Ова е заради тоа што во 197 година П.Х. Рим ја поробува Македонија и наметнува силна Римска управа која дури ја дели Македонија на четири марионетски државички.
Значи 197 години пред да се роди Исус Христос.
Св. Павле доаѓа во Македонија во 56-57 г по Христа.
Сега ако ги собереме годините колку македонците имале да научат заеднички јазик со јудејците, би добиле некои 254 годинки.
Сега наградното прашање кое промоторот Андов би требало да го одговори:
П: Македонија и Јудеја (како и поголемиот дел од тогаш познатиот свет) бил поробен од страна на Римјаните. Римјаните не зборувале грчки. Кој бил официјалниот јазик на Римската империја?
О: ?
П.С. Размисли за каков јарем зборува македонецот кој го повикува Св. Павле во Македонија.
Од Библијата

Reprint: Голем ден (април 1, 2010)


Пролетта веќе наголемо доаѓа и ја потиснува зимата, која со носталгија ќе ја бараме и мудро ќе констатираме дека „…ма ја издржувам студено – ама ова топлово никако“ кога ќе запече македонсково лето. Но убаво е, нели! Се е светло и почнува да наликува на утринско кафе со цигара која некако легнува на прва. Додека го правиш првиот „срк“ од млаката течност, а ја подбутнуваш со лесно земен здив исполнет со никотински чад, слушаш како на секаде се расправаат птици од најразлична генетичка провиниенција, скриени во крошните од веќе раззеленетите дрва. Еве пред некој ден видов дека и гулабите се расправаат како нас луѓето за место на окапницата на еден прозор. И не само тоа, ами паѓа и понекое колвање во глава и што е уште почудно, си делат заушки со крилјата. И тоа го видов.
Убаво е и чувството да си овде дома, во нашава родна грутка околу Велигден. Не заради теолошката позадина, ами заради она чувство кое само овде го препознавам и со целото битие се впуштам да го празнувам – живи сме! Ова е мојот спротивен магнетен пол кој зрачи и ме влече најсилно кон оваа точка на пикселот наречен земја. Уште повеќе зумиран во мојот дом, кој баш во овој момент исфрла од петта брзина, и во лер движење почнува да се интересира за она што е околу него додека полека забавува. Се вапсаат јајца уште од рани зори, бизнис жените стануваат мајчици и оние жени заради кои сите останати се неважни, прават зајачиња од тесто и големи планови како треба да изгледа Велигденската софра. Татињата освен традиционалната улога на „ево носача“ во ова доба од годината кога се пренесува целата содржина на зелениот пазар и придружните месари во скромниот ни дом, ќе почнат и најсамозаљубено да пребаруваат низ главата полна со секојдневни глупости, и очајно да ги бараат пријателите со кои можеш да споделиш лута ракика и еден товар „мимоза“ салата. А сето ова е надополнето со огромното олеснување наречено „деновите кога не треба да го појавиш суратот на работа“.
И се ќе биде во ред… ако успеам да не го вклучам телевизорот!