Елем, за оние кои решиле да ги нервираат шефовите на работа, да започнам со приказната која оди вака:
Никој не оди на лекар доколку не мора, но и кога мора се обидува тоа да го направи тоа колку што е возможно побргу и пократко. Се разбира, за да се оствари оваа умисла, се започнува со националниот спорт наречен "најди го пријателот/роднината" кој работи во здравство. Речиси и да не паметам дека познавам човек во Македонијава кој би се осмелил да оди на лекар, а да не ја познава најмалку кафекуварката или домарот на болницата, се со цел да помине побрзо.
Откако го лоциравме нашиот џокер, контактиравме и се договоривме, притоа поминувајќи телеграфски низ целокупното родословие до трето колено и соломонската констатација дека сизифовски ни е тешко, со на крај рецитирање на псалмот "но остај за нас него за нашите деца...", преминавме во воскреснати старо/ново верници, дека овојпат ќе оди како подмачкано.
И така, утрото започна со наше (јас и ќерка ми) одење на закажано земање крв за испитување на одредени параметри. Гледаме на часовникот и нервозно кометираме дека во 8 треба да бидеме таму, додека се пробиваме низ скопскиот котелец на енергични полицајци и кататонични јавни претпријатија кои во склад со ритамот затегнатите нерви на ненаспаните возачи, во обратна синусоида ги поправаат скопските асфалтирано-раскопани крвотоци.
Додека се чувствуваме како тромб во запушена вена на 80 годишен идолопоклоник на свинска масна салата и чашка домашна лута ракија, Илинденска не' одведе до празниот паркинг на градската болница 8 септември, или за оние кои го паметат Тито и СРМ, тоа е Воената болница. "Ова е добар знак" во себе помислив, без притоа да прекрстам прсти и фрлам 3 лажички сол преку рамо за да не се урочам. Продолжуваме...
На време паркирани под сенка, понесени од мислата која го визуелизира злобното цепење на вената и вампирското заринкување на металниот заб од "нема ич да боли" иглата, притоа наведувана од хибридот на оберштрумбамфирер и Реј Чарлс, сестрата, чија пасија и е играта Х/0 испишана со липкер по локацијата каде мирно спие вената, се качуваме во ритамот на оковани црнци на кои нозете им се враќаат назад и низ заби пеат "што си ме мајко родила".
Ќерка ми заради ритуалот на грофот Дракула кој се крие во лабораторијата, мене заради тоа што тоа ми е чедо. После татковците биде вакви, биле онакви...
Стигнавме на првиот кат каде што се наоѓа лабораторијата.
ТА-ДА-МММ! Шалтери 1 и 2 на некои 10 метри од нас, а пред нас колона од расприкажани младичи и девојки од цирка некаде 2400 години сите топтан заедно. За оние кои сечеле вени за/од математиката, зборувам за некаде 30 луѓе од прилика и секој од нив во просек по некаде 80 години (се разбравме сега!?).
Е тука нема кој е македонец, албанец, сиромав, богат, јаден... уствари сите беа гладни, бидејќи тоа е битно да се квалификуваш и да не прикажеш некои блесави резултати кои предвреме ќе доведат до тоа да бидеш
под а) роварен, или
под б) причина твоите да те прашаат дали си ги завршил сите имотно наследни права и обврски. Онака, без причина.
Нејсе, се гледаме со мојот потомок, онака вџашени и со неверување... со подотворени усти и испружени прсти пребројуваме дали денес е:
- Денот кога пензионерите одат грастис со јавниот превоз,
- На шалтер број 2 се делат наградите од оние кесичките за кафе
- Цветанка Ласкова дели автограми и бесплатна копија од своето последно ЦД издание.
- Тука е пултот каде што на додавките на пензии од 39 ти ставаат колку нули сакаш, но најмногу до две по пензионер
- Тука е лоциран телефонот од каде што се јавуваат сите пензонери во Утринските програми по телевизиите низ Македонија...
... и додека се редеа можните објаснувања на алтернативните универзуми во нашето ни Друштво, сваќаме дека сме заглавени во редица која всушност е привлечена од јавната ни установа со магичната мантра... Дојди утре во осум!
Хм... во време на компјутери, мобилни телефони, интернет мрежи и апликации кои на еден куп луѓе им јавуваат кај си, со кого си и што сакаш уште пред да помислиш, ние го користиме стариот добар метод на висење "Дојди на Корзо во шест!"
И така, застанати во линија направена од луѓе на кои им останува уште не многу време во оваа реалност, инженерот во мене почнува да нуди бројни алтернативи како на овие луѓе би можело да им се сочува достоинството и она малку здравје што им сотанало.
Од тоа дека:
- Би било супер доколку со порака им се закаже во колку точно часот треба да дојдат и да завршат работа, до тоа дека
- Можеби попаметно е да се формираат тимови од млади медицински лаборанти, кои на моторчиња би оделе до нивните домови и би земале примерок за лабораторија.
Намуртените фаци на децава од по 80 години ги заќутува нивната лажна моралност, но многу повеќе секјуритичот кој цело време како воспитувачка од градинка ги демне палавковците на кои им паѓаат на памет итроштини превземени од опусот за Итар Пејо на Цепенков.
Џизс... сумо борачот се пробива до шалтерот, а пред неа оди машки роднина со зелената книшка и куп хартија во средина, која многу повеќе ми наликува на симидка купена од чаршија, отколку на документација која треба да ја отслика азбуката на здравјето на оваа идна мајка. Роднинава прилично глупаво ко шаолин монах тропка со рачињата по зелената книшка и рецитира дека - "...трудна е! Ја не би за мене... Ја би чекал со вас..." се поклонува на шалтерот за заверка, од кој како железна куглица од флипер, го спунтираат да оди до лабораторијата. Јадната го прати, а мене толку ме потсетува на оние клацкалки во училишен двор кои одеа горе-долу, горе-долу, да се вртам кон ќерка ми и... во момент ја губам глупавата мисла да се зафркавам со нејзината состојба... со ќеркати зборуваш, бре муле!
Поминува некаде 40 минута од кога човечкиот воз стои на перонот на нашето здравство, полека мрднувајќи се во насока на стаклената врата број 3. Некои од рејверите не додржуваат на нозе и седнуваат на столчињата во ходникот, но со длабоко закопан и носталгичен поглед на местото на кое до пред некоја минута играше стискавац со соседите од непосредната близина. Од очи им се чита: ЌЕ ТЕ ЛЕЖАМ!!! Да не си помислил да застанеш на моето место!!!
Доаѓа нашиот ред.
Влегуваме.
Седнува ќерка ми.
И земаат крв.
"Резултатите ќе бидат готови после 14:30"
"Благодариме!"
Си одиме.
Остануваат уште куп младунци од по 80 и некоја ситно кои со замаглени очи и клецави нозе ко да биле на концерт на Џоле Балашевиќ. Потпрени на ѕидот од кабина број 3, не испраќаат, мислам со стихот:
"Се надевам дека пак ќе се видиме
во некој друг град/установа
на некоја друга престава/забава,
во некој друг циркус"
која нашата елита ни го приредува.
No comments:
Post a Comment